Раце. Тескобно скрстени во скутот на оној чијшто труд е сместен на маргините. Повреда. Сместен сепак во чистотата на заслужената починка, го заокружува денот...
Пред темен фон, со лесни потези, трепери осветлена возбудата на детенце што се лула. Но трепери и чувството: го луламе ли детенцето понекогаш во свет што не е за него?
Ја има во монографијата на Скопје од 1976 година. Неочекувано, од загризаното јаболко црв излегува - како прво разочарување на едно момче кое го вкусува животот... Првиот грев, она што како девојка се обликува од ситна песок... Во песокта потонати, уште гризнати јаболка има...
Метафизика во просторот од хоризонтот на потсвеста. Сказалки во детски пантолончиња како сеќавање на детството. Да наслушне - можеби оттаму нешто убаво и важно за душата има да се чуе... Па здивот од драги спомени и јаболкото го позема нагоре.
Перница и кревет. Под главата на оној што сака да се одмори, темниот дел на потсвеста лежи. Како психолошко распетие во него крст се наѕира. Кон него погледот го насочува еден прамен како пукнатина. На белината на ѕидот, нешто бело, празното уште попразно да биде. Будење. Можеби е интуитивно обраќањето кон божественото за да се прифати денот... И уметноста е интуитивна.
Техниката и технологијата се сметаат за прогрес на човештвото, но всушност се претвориле во распетие и ропство. Бетон со арматура над глава. Но, слепи сме за тоа, слепото око не гледа дека пакоста уништува, разорува... Над сето тоа, како сведок, окото малку се издигнало. Кошулата како симбол на она што не' тишти, а ракавот ветер го кренал и како крената рака погледот го насочува: што си правиме сами на себе? Што и' правиме на планетава Земја? Во далечина - бескрај, хоризонт и планинчиња. Метафизичка светлина од височините далеку над Земјата - како повик кон божественото за спас од нас самите. Човекот заробен, наместо да си олесни со она што го смета за прогрес, паѓа во нова замка и се распнува меѓу доброто и злото.
„Штом е срце, мора да боли!“ - детска асоцијација за срцевидно шнајдерско перниче за игли. Во хипизмот се` е во име на љубовта; човекот трага по неа, по сонцето како симбол на љубовта што грее однатре. Птица и парче небо. Нурнала птицата во синилото. Сино.
Во надреалното ја има реалноста на сонот... Во тивок, мирен песочен предел кој го навестува морето во далечината, таа во потрага по својот лик... Водичка со мали бранчиња, чиста, бистра... Со благост, во тишината го наоѓа својот мир.
Изведено од „Закланото теле“, инспирирано од „Крајпатни знаци“ од Иво Андриќ. Револуција. За човекот - ветена слобода, за телето - сено. Во пресрет на ветеното, со верба и надеж, без да знае во кланица го носат. Војна. Уште невкусено, од сеното само ножот крвав ќе се избрише.
Слика. Бело платно. Бел предизвик што сака да го допре Совршенството. Можно ли е тоа? Талка и го бара одговорот - надежта крила му дава, сомнежот крила му одзема... Инспирација... Ќе се вивне ли во својата уметност наоѓајќи ја мерката во својата палета?
Чистотата во себе ја носи. Сака да ја зачува. Надвор или во себе гледа? Повреда, страв има? Ќе ја повлече ли завесата се` во бело да се обвие, или во надеж ќе ја отвори денот да ја огрее?
Белото платно од распетието на современиот човек, минливоста во брз коњ го претвора, од распетието човекот го симнува. Кругот на животот на Земјата се завршува... каде потоа?
За учеството со „Белиот пес“ на изложбата „Рефлексии на надреализмот во повоеното југословенско сликарство“ - Задар, 1980, X Плави салон, во списанието „Политика“ има критика со наслов „Тужне очи белог пса“. Ова дело се наоѓа во просториите на МВР. Пакосните и нечесните го повредиле, но неговата чистота и кроткост го издигнуваат горе... А семето на добрината го посеал. Во композицијата белиот пес е долу, а оние што се горе на платното - долу се во перспективата - тој, како на еден свој астероид, заштитен, лебди над оние што го повредуваат и не ни забележуваат дека семето на добрината ќе никне.
Какво дело е белината, чистотата да се уништуваат и сечат со остро сечило нагоре, со лага дека подобро е така?Поубаво стои - вели оној што решил туѓи денови да крои. Врз неговиот лик, намера и став, духовит сликарски потез лежи: Види! - зад ветеното војна тежи... Оние што со сечило кон белина се стремат, поглед дур не измијат, нека одмораат, нека дремат! За лицемерие што чистото сака да го крои и дели - мајмунисување се вели...
Можеш ли со лесен чекор да минеш низ простор полн со едноставни скапоцености, ништо да не нарушиш, повредиш, изместиш? Јајцето да не се стркала, тапата да не излета, прозорецот да не се затвори...